Хуманитарен тикет од некогашниот талентиран голман кој работи како менаџер во Словенија

Беровчанецот Кристијан Стоилков, кој живее и работи во Словенија како фудбалски менаџер, иако има само 25 години, неколку години е во овој бизнис и добро му оди.

Фудбалските познавачи го знаат како талентиран голман на Хоризонт Турново и словенечки Копер, како еден од чуварите на мрежа кои требаше да бидат на младинското ЕП во Полска, но повредата на главата на пријателски меч во 2015 година му го уништи сонот и прерано му ја прекина кариерата.

Битката за рехабилитација е добиена, а Кико иако веќе не смее да брани, останува во фудбалот и тоа како менаџер.

БЛАГОДАРЕН Е ЗА ПОМОШТА КОЈА МУ СЕ УКАЖУВАШЕ ВО НАЈТЕШКИТЕ МОМЕНТИ

Стоилков по повредата на главата, беше во охридската болница, добиваше помош и поддршка од многу страни. Тој на најдобар начин ја почувствува хуманоста.

„По повредата, многу спортски работници во Македонија ми пружија рака за помош, во тие моменти секоја подадена рака ми беше добредојдена. Секој помогна колку може. Важно е дека се покажавме како хуман народ и на сите сум им благодарен. Има и луѓе на кои нема да им заборавам некои работи кога се случи таа несреќа“, раскажува Кристијан.

ИМА СУПЕР ОДНОСИ СО МАНДАРИЌ И ЗАХОВИЧ, ВО ПЛАН МУ Е ДА СРЕДИ ТРАНСФЕРИ НА ИГРАЧИ ОД МАКЕДОНСКОТО ПРВЕНСТВО

„Во менаџерската работа влегов многу млад, без никакво искуство, но оваа работа ми беше привлечна. Почнав да напредувам, запознав многу големи спортски работници. Имав чест да се запознаам со Милан Мандариќ, Златко Захович, во супер односи сум со најпознатиот менаџер во Словенија, Амир Ружнич, потоа Енди Бара кој е топ агент и има играчи како Мората, Олмо и други ѕвезди, од сите сум научил по нешто. На мојот некогашен клуб Копер му помогнав да го врати Макс Баришиќ, кој беше во Катанија, станува збор за добар играч кој може да помогне Копер да биде стабилен прволигаш“, вели Стоилков.

 

„За македонските играчи тешко е да заминат во европски клуб бидејќи повеќето немаат европски пасоши. Работиме нешто, па можеби летово ќе помогнам некој фудбалер од македонската лига да направи трансфер надвор. Треба и да се каже дека нашите играчи не се доволно изградени, клубовите мора да ги доработат. Лигата ни е таква, треба многу повеќе да се работи, попрофесионално. Многу работи треба да се променат во фудбалот во Македонија“, додава Кристијан.

ФАНТОМСКАТА СУПЕРЛИГА НА БОГАТАШИТЕ, ЗА СРЕЌА, НЕ ГО ПОЛОЖИ ИСПИТОТ

Деновиве најактуелно во европскиот фудбал беше објавувањето за почеток на Суперлига, но тој проект доживеа дебакл.

„Суперлигата по мое мислење беше произведена од клупските великани на чело со Флорентино Перес од Реал Мадрид, со цел да се ослаби УЕФА и да владеат големите клубови, што се вели никој ништо да не им може и само тие да се прашуваат и да паднат финансиски послабите клубови. Но, видовме дека на чело со Чеферин, само за 48 часа беше завршена работата да нема поделеност во европскиот клупски фудбал и да остане како што беше. Ова е одличен потег на првиот човек на УЕФА, а и навивачите со своето одбивање имаат придонес за ова. Помалите клубови не дозволија да бидат потценети. Ова беше како пробна матура, неуспешен испит на организаторите на Суперлигата. Ако се формираше, тоа ќе беше фантомска лига на богатите кои немаше да почитуваат ни еден систем на фудбалската пирамида, култура и традиција“, смета Стоилков.

АКО ТИКЕТОТ БИДЕ ДОБИТЕН, ЌЕ ДОНИРА ЗА ПОМОШ НА СЕМЕЈСТВОТО НА ВЕРИЦА КОЈА ДОНИРАШЕ СРЦЕ

Што се однесува до обложувањето, ретко го применува во Словенија.

„Иако фудбалот ми е во крвта и редовно го следам, не сум од оние што многу се обложуваат. Ми се случува да одиграм некој тикет со мечеви од Лигата на шампионите. Инаку, тука во Словенија нема многу обложувалници, луѓето повеќе се фокусирани на лото и такви игри на среќа.“

„Омилени клубови ми се Милан и Црвена ѕвезда. Милан уште кога бев мал ми има оставено впечаток, кога играа Дида, Кафу, Пирло, Кака, Инѕаги и да не ги набројувам другите од таа генерација“, заклучува Стоилков, кој најави убав план кому да му ги донира парите ако хуманитарниот тикет биде добитен.

- Оглас -

Најнови вести