Шаќири и гол, гол, води Македонија – Хуманитарен тикет со легендарниот Зоран Михајлов

Зоран Михајлов е нашата жива македонска спортска енциклопедија, човекот што ги коментирал сите 28 олимписки спортови, новинар и коментатор што го очекува 16-тиот настап на Олимпијадите, кој најчесто во живо на лице место ни ги пренесуваше историските моменти како новинар и коментатор.

Сè уште е активен и работи на спортски проекти, а неговите интервјуа со спортските легенди на „Наша ТВ“ се прекрасен осврт и потсетување на минатото, но и актуелни во сегашноста. Почетоците како новинар му се во „Млад Борец“, а најдолг период мина во Македонската радио-телевизија.

„Живеам во такво маало, Дебар маало, каде што речиси секое дете спортуваше и нормално ме привлекоа убавините на физичката активност. Лазар Лечиќ ми е тука блиску во соседството и во една средба со него одлучив да играм кошарка. Иако бев мал по раст и имам само 167 сантиметри, бев капитен на Работнички во ерата кога со кошарка почнаа да се занимаваат легендите Стерули Андоновски, Јанко Луковски и уште неколку кошаркари кои оставија длабока трага во македонската кошарка. Мило ми е што играв со нив, но потоа некако атлетиката ми прирасна при срце и се одлучив да трчам на средни патеки.

Младинскиот репрезентативец на Југославија што го победуваше и Дане Корица

Во Љубљана во 1963 година победив на 1.500 метри стиплчез на изборното првенство за место во репрезентацијата на Југославија. Таа сезона и следната бев младински репрезентативец на Југославија и меѓу најдобрите атлетичари на средните патеки. Честопати ги победував и легендарните атлетичари Дане Корица и Драго Жунтер, кои потоа станаа светски марки со многу успеси на интернационалната сцена.

Задоволен сум од атлеската кариера, а и во тој сегмент ми се случуваа интересни работи. Трчав пред 20 илајди гледачи во Скопје на полувремето од фудбалскиот меч меѓу Вардар и Црвена ѕвезда. Публиката ме бодреше и трчав до последен здив бидејќи ме носеа громогласните апалузи од трибините.

Една од секвенците на кои со радост се присетувам е трката на познатиот атлетски стадион „Шишка’ во Љубљана. Ноќта пред настапот многу врнеше дожд и патеката беше каллива, па моравме на патиките да ставиме посебни, поголеми клинци за да не се лизгаме. Во текот на трката одеднаш летна црвеница кон мене од еден од натпреварувачите и не успеав да ја затворам устата, па голтнав земја и не можев да дишам. Во тој момент размислував да се откажам, но некоја посебна сила ме мотивираше да продолжам. Си велам, Зоки голтај и трчај, мораш да ја завршиш трката. На последната пречка веќе немав сила и одлучив да не ја скокам, туку и буквално се качив со нозете и скокнав преку водата за на крајот да победам и да го освојам првото место.

Во домот на лордовите се роди пријателството со Себастијан Коу

Бевме поканети од Меѓународната атлетска федерација преку новинарското здружение АИПС да ни доделат признанија за нашиот труд. Јас долго време пренесував атлетски натпревари од сите делови на земјината топка и бев почестен со повик и признание од ИААФ.

Пристутен беше и Себастијан Коу, со кого разговаравме за атлетиката и беше многу изненаден кога му кажав дека го имам пренесувано неговиот настап на Олимпијадата во Москва, кога за првпат стана олимписки првак на 1.500 метри. Се изненади, се сврте кон присутните и на шега вели, луѓе човеков од Македонија знае повеќе за мене, од мене. Потоа на моја иницијатива легендарниот тркач и шампион ја посети Македонија.

Кирк Даглас нарача за себе, му стигна сметка за цела кафеана

Се сеќавам на средбата со големиот филмски актер Кирк Даглас, кој, за жал, почина неодамна. Беше гостин на Олимпијадата во Сараево и една вечер пристигна во една од кафеаните, каде што бев и јас со дел од колегите новинари.

Вечераше и кога му стигна сметката, одеднаш луто коментираше. Чекајте, треба да платам за цела кафеана или само за мене. Но, веднаш го презентираше познатиот хумор и на глас коментираше. Добро, ќе платам за 200 ќебапи, иако јадев само 10. Но, тоа беше само еден мал лош исечок од прекрасниот комплетен филм за олимписките игри во Сараево. Градот имаше посебен дух, граѓаните на Сараево беа неверојатно гостопримливи, што остави траен печат во олимпиското движење. Тоа е една од најубавите Олимпијади на кои сум бил, а се точно 15 на број. Веќе се акредитирав и за 16-та и здравје ќе бидам присутен и во Токио оваа година.

Жал за поразот на Аце Русевски во Монтреал, два тони пиво и веселите кумановци ја разбија тагата

Се сеќавам на многу радосни моменти во кариерата и сум имал среќа, на пример, да го коментирам голот на Артим Шаќири во Саутхемптон, кога одигравме 2:2 со Англија, а нашиот репрезентативец постигна гол директно од корнер. Игравме прекрасно, што предизвикува посебни емоции кога ти си човекот што ги пренесува историските моменти на гледачите во твојата земја. Имаше многу успеси, медали, победи, но се сеќавам и на тажните моменти.

Аце Русевски беше на прагот на златниот медал на Олимпијадата во Монтреал во 1976 година, но загуби во полуфиналето од Американецот Хауард Дејвис. Тогаш се знаеше, Американците беа и привилегирани, па во полуфиналето нашиот боксер беше поразен и го освои бронзениот медал. Сепак, Аце беше голем боксерски мајстор и освојуваше медали на интернационалната сцена и беше европски првак во Хале, Германија во 1977 година.

Малку претходно, Русевски стана балкански првак на шампионатот во Бугарија. Доаѓаме на граница и гледам цело Куманово е дојдено да го поздрави шампионот. Имаше цистерни со два тона пиво, а атмосферата беше спектакуларна. И сега се наежив кога ќе се присетам на тие моменти. Ни царина се виде, ни цариник дојде да не провери. Беше вистинска лудница во режија на нашите кумановци.

Настап како предигра на уругвајскиот гигант Пењарол

Одреден период бев и Генерален секретар на фудбалскиот клуб Вардар, во ерата кога најтрофејната наша екипа играше во УЕФА купот во сезоната 1985/86. Го минавме Динамо Букурешт, а потоа Данди го елиминираше Вардар.

Секако дека имам симпатии кон Вардар, но сега секако навиваме за Борец Велес. Син ми Горазд Михајлов е тренер во клубот и се надевам дека ќе има успешна кариера. Утре ќе играат Борец и Вардар меѓу себе, па ќе бидам присутен на стадионот во Велес да го проследам дербито.

Ќе биде малку чудно ако кажам дека навивам за уругвајскиот Пењарол, а причината е едноставна. Со легендарниот голман Ладислав Мазуркиевич и цел погон фудбалски ѕвезди Пењарол гостуваше во Скопје, а јас настапив во меч што беше предигра на фудбалскиот спектак.

Игравме селекција на новинари против ветераните на Вардар, загубивме со 4:1, а кај мене се роди симпатија кон Пењарол, клуб за кој навивам и ден денеска.

Не се двоумеше ниту момент за хуманитарен тикет составен на интересен принцип

Симпатични ми се неколку европски клубови поради фудбалерите што ги ценам. Сега навивам за Џенова заради Пандев, секако и за Интер, бидејќи таму играа и Гоче и Дарко Панчев.

Во Шпанија сум за Реал Мадрид, а во Англија поради Салах го симпатизирам Ливерпул. Малкумина знаат дека Сократ Мојсов играше за Бордо, па некако Жирондинците од таа причина ми се омилени во Франција.

Многу го ценев Отмар Хицфилд како тренер, па кога беше во Борусија Дортмунд, навивав за Милионерите, а потоа ми беше симпатичен и Баерн Минхен бидејќи Хицфилд и со нив освојуваше титули.

Мојот син Горазд играше година и пол за Кемницер, па и тој клуб во Германија ми е симпатичен. Се надевам дека ќе успеам да го погодам тикетот за да им помогнеме на луѓето од загрозените категории, го заврши разговорот за Спорт Манија легендарниот новинар и коментатор Зоран Михајлов.

 

 

 

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести