И без ЛШ, Сити ќе ги задржи најдобрите

Забраната за настап во Лигата на шампионите во следните две сезони засега стои, без разлика дали Манчестер сити ќе стигне до европскиот трофеј оваа сезона. Сè додека не се разреши ситуацијата преку Судот за спортска арбитража, судбината на Граѓаните нема да се смени, но управата е убедена дека и без настап во најелитното европско натпреварување ќе успее да ги задржи клучните играчи.

Англиските медиуми пренесуваат дека наскоро ќе се отворат преговори околу продолжување на договорите на Кевин Де Бројне и Рахим Стерлинг. Иако на двајцата актуелните договори им важат до јуни 2023 година, истите би биле продолжени со повисока плата како награда за нивната верност кон клубот.

Де Бројне е најплатен во тимот со неделна заработка од 350.000 фунти, Стерлинг заработува 50.000 фунти помалку, а доколку ги стават своите потписи на новите договори би биле најплатени играчи во Премиер лигата. Преговорите наводно ќе започнат по реванш-дуелот против Реал Мадрид во осминафиналето од ЛШ, кој е закажан за 17 март.

- Оглас -

Најнови вести