И привремениот претседател на Барселона во проблеми, нема договор за кратење на платите

Управата на Барселона, која привремено ја врши должноста, не успеа да постигне договор со фудбалерите околу намалување на платите со цел да се направи исчекор кон подобрување на финансиите во клубот.

Рокот за постигнување договор истече, долгите преговори во изминатиов период не вродија со плод, но в.д. претседателот Карлес Тускец верува дека во блиска иднина ќе успее да најде заеднички јазик со играчите.

„До 11 ноември беше рокот за постигнување договор околу намалување на платите. По долги и исцрпни преговори, не дојдовме до согласност со играчите“, стои во соопштението на Барселона.

Поради пандемијата со корона-вирусот, шпанскиот вицепрвак заглави во долгови, односно Барселона остана без околу 300 милиони евра предвиден годишен профит. Дел од играчите, како Пике, Ленгле, Тер Штеген и Де Јонг се согласија да примаат пониски плати уште пред да почнат преговорите, меѓутоа потребна е целата екипа да прифати.

Во меѓувреме поставен е нов рок за постигнување договор меѓу двете страни, до 23 ноември ќе се одвива новата епизода на преговори меѓу сегашната управа и играчкиот кадар.

- Оглас -

Најнови вести