И Шпанците го зачинуваат фудбалскиот празник – Стартува 90-тата сезона во Ла Лига

Шпанската Ла Лига од денес е повторно на програмата. Новата, јубилејна 90-та сезона ќе биде посебно возбудлива од неколку причини.

Прво, Реал Мадрид ќе се обиде да го повтори ланскиот успех и да ја одбрани титулата, а при тоа Кралевите со непроменет состав предводени од Зидан ќе атакуваат на 35-та првенствена титула. Поради финансиската криза предизвикана од пандемијата со корона-вирусот, шпанските гиганти не беа активни на трансфер пазарот, а кај Реал новитет е прекомандувањето на Мартин Одегард во првиот тим, откако ланската сезона ја мина на позајмица во Реал Сосиедад.

Мадридистите со нетрпение го чекаат и вистинскиот Еден Азар, откако белгиската ѕвезда имаше неприметна прва сезона во белиот дрес, а повредите се највиновни за лошото издание на ексѕвездата на Челзи.

Радува фактот што Лионел Меси остана во Барселона, па „Ел класико“ дуелите нема да го загубат сјајот. Во најавената последна сезона на Аргентинецот на „Камп ноу“, од него се очекува да ја предводи екипата како во изминатите десетина сезони. Со новиот тренер Роналд Куман , Каталонците се надеваат на подобри денови и што поскоро да се избришат мемориите од катастрофалното ланско издание, во кое Барселона капитулираше на сите фронта.

Веројатно ќе остане и Суарес, па така Барса нема да загуби на напаѓачки квалитет. Од доаѓањето на Миралем Пјаниќ се очекува да го разигра триото Меси – Суарес – Гриезман, а холандскиот стратег треба да го врати офанзивниот и убав за око фудбал, што е главна карактеристика на Каталонците.

И Атлетико, како и градскиот ривал Реал, мирува во летниот преоден рок, но тоа не значи дека тимот на Диего Симеоне не е квалитетен како досега. Јорганџиите не дозволија заминување на ниту една ѕвезда, па со она што веќе го поседуваат ќе се обидат да бидат поконкурентни во трката за титулата.

Иако Атлетико е трето тркало во таа трка, нема да биде отпишан од самиот старт, но воедно потребно е да се подигне нивото на игра за разлика од минатата сезона во која играчите на Симеоне имаа доста осцилации и еден период беа под закана да не обезбедат пласман во Лигата на шампионите. Исто така се очекува многу повеќе од Жоао Феликс, рекордното засилување на Атлетико, кој минатата сезона не можеше да блесне во полн сјај поради повреди.

Севилја го загуби Еден Банега, еден од најдобрите фудбалери кои некогаш играле за тимот од Андалузија. Но, таа празнина во средината ја пополнија со повратникот Иван Ракитиќ, а дојде и младинецот од Реал Мадрид Оскар Родригес. Освојувачот на Лигата на Европа од минатата сезона цели на нов пласман во топ 4.

Вилјареал дефинитивно е победник во Шпанија кога станува збор за летни ангажмани за кои потрошија помалку од 15 милиони евра. Жолтата подморница се засили со двајца играчи од Валенсија, Дани Парехо и Францис Кокелан, доведоа и конкуренција за голманот Серхио Асењо во ликот на Џеронимо Руљи, ексчленот на Реал Сосиедад. Тука е талентираниот Такефуса Кубо, младата надеж на Реал Мадрид кој лани беше одличен за Мајорка.

Вилјареал во ланската сезона заврши високо на петтото место, а ќе се види нивниот квалитет и издржливост во густиот распоред со учеството во Лигата на Европа.

Валенсија е најослабената екипа во пресрет на новата сезона. Лилјаците мораа да се ослободат од клучните играчи со цел да не претрпат банкрот, па загубите од кризата со корона-вирусот ги анулираа со продажба на Родриго, Феран Торес, споменатите Парехо и Кокелан, а си замина и искусниот стопер Езекиел Гарај.

Ако лани Валенсија едвај заврши на деветтото место, оваа сезона нема да биде изненадување ако тимот од „Месталја“ падне на долниот дел од табелата. На стартот од сезоната ги оечкува градско дерби против Леванте на Енис Барди.

Не треба да се заборави враќањето во Ла Лига на еден од најдобрите шпански фудбалери во историјата, Давид Силва. Легендата на Манчестер сити ќе ги брани боите на Реал Сосиедад, а во домашното првенство се врати по една деценија откако порано играше во дресот на Валенсија.

Новаците Уеска, Елче и Кадис, ќе имаат тешка задача да го задржат прволигашкиот статус, а има шанси една од трите екипи да биде пријатно изненадување.

- Оглас -

Најнови вести