И во НБА плачат поради судењето: Леброн и Дејвис шутнаа повеќе слободни од целиот тим на Денвер

Денвер е пред невозможна мисија откако губи со 3:1 во финалната серија на Западната конференција во плејофот на НБА. Тимот кој во претходните две кола успеа да направи чудо и од 1:3 да стигне до 4:3 во победи, сега ќе проба тоа да го направи и против Лос Анџелес лејкерс.

Тренерот на Денвер, Мајкл Мелоун, вината за поразот во последниот меч ја бараше во судиите. Мелоун посочи дека судиите немале ист критериум и затоа Лејкерс има изведено многу повеќе слободни фрлања. Денвер вкупно изведе 23 слободни фралања, а противникот застана на бројката од 35 „пенали“. Двете најголеми ѕвезди на ЛА, Леброн Џејмс и Ентони Дејвис заедно изведоа 28 слободни, односно пет повеќе од целиот тим на Денвер.

„Погледнете колку слободни фрлања изведоа тие, а колку ние. Неверојатно. Ќе мора да се жалиме поради тоа. Погледнете ги снимките со спорните моменти. Не знам дали ќе имаме некакво влијание, но се надевам дека на следниот меч некои фаули ќе бидат досудени во наша корист. Мари неколку пати заврши на паркетот, а судиите ништо не досудија“, објаснува тренерот Мелоун.

Петиот меч од финалната серија на Западот се игра на 27 септември во 3 часот наутро, а доколку Лејкерс победи, тоа ќе биде и пласман на тимот од ЛА во големото финале.

- Оглас -

Најнови вести