Иако има 32 години, Левандовски најави дека ќе игра уште 10 години

Баерн Минхен е тимот кој ја одбележа сезоната во Европа. Најтрофејниот германски клуб уште еднаш ја покажа целата сила и на крајот стигна до тројна круна. Покрај титулите во Бундеслигата и Купот на Германија, баварскиот гигант стигна и до европскиот трон откако во финалето на Лигата на шампионите со 1:0 го победи Пари Сен Жермен.

Еден од најзаслужните, ако не и најзаслужен за овие трофеи е Полјакот Роберт Левандовски. Голгетерот постигна дури 55 голови во сите натпреварувања и сигурно дека ја заслужи Златната топка која, за жал, поради корона-вирусот оваа година може и да не се додели. Засега ја освои само наградата за најдобар фудбалер во Германија.

„Веројатно ова е мојата најдобра сезона во кариерата. Не се работи само поради бројот на головите кои ги постигнав, туку и за тоа кога се гледа целиот стил на игра. Најважно ми е да ја работам зададената задача. Горд сум што ме прогласија за најдобар играч во Германија. Нивото е толку подигнато што со 25 постигнати голови во Бундеслигата, веќе сметаат дека тоа е нормална работа. Вредно работев за да стигнам до тука, а најсреќен сум за доминацијата која ја имавме во Европа“, вели Левандовски.

Полскиот репрезентативец има 32 години, но тој воопшто не мисли на повлекување. Левандовски најави дека планира да игра дури уште 10 години.

„Не се чувствувам како за некој што има 32 години. Се чувствувам подобро отколку кога имав 26 години. Тоа не се однесува само на моите години туку и на фудбалот од технички аспект. Го давам најдоброто од себе само за да останам во топ-форма уште многу години. Сакам да играм уште 10 години“, додаде играчот кој беше страв и трепет за сите противнички голмани во неодамна завршената сезона.

 

- Оглас -

Најнови вести