Ибрахимовиќ би можело да заигра за најдобриот неевропски тим

Златан Ибрахимовиќ, напаѓачот на Лос Анџелес галакси, можеби наскоро ќе стане фудбалер на бразилскиот клуб Фламенго, најави еден италијански новинар.

Кандидати за привлекување на 38-годишниот Ибра се и италијанските Наполи и Болоња, но сега во трката се вклучил и тимот од Рио де Жанеиро, кој наскоро ќе игра финале на Копа Либертадорес и ако победи, ќе настапи на Светското клупско првенство како сериозен ривал на европскиот шампион Ливерпул.

Актуелниот договор на Швеѓанецот со Галакси истекува на 31 декември. Сезонава, ветеранот одигра 31 меч за Галакси и даде 31 гол, а имаше и осум асистенции. Во Италија има играно за Јувентус (2004–2006 година), Интер (2006–2009) и Милан (2010–2012) и рече дека кога би се вратил, би сакал да се бори за титула, но ако премине во Болоња, која не е кандидат за титула, би играл за тренерот Синиша Михајловиќ, кој е тешко болен.

Прв напаѓач на Фламенго е Габриел Барбоса, познат како Габи-гол, но тој таму игра како позајмен од Интер, па Ибрахимовиќ би бил топ засилување за тимот во којшто има уште неколку играчи со искуство од играње во Европа (голманот Диего Алвес и бековите Филипе Луис и Рафиња).

- Оглас -

Најнови вести