Ибрахимовиќ има понуда следната сезона да игра за „старите пријатели“

Златан Ибрахимовиќ, актуелниот фудбалер на Милан, и покрај тоа што наскоро ќе наполни 42 години, не планира да замине во пензија и можно е следната сезона да игра во тимот што го водат за него добро познати лица.

Желбата на Ибрахимовиќ е и следната сезона да игра во Серија А, а бидејќи Милан нема намера да му понуди нов договор, тоа ќе го стори Монца.

Монца ја водат две добро познати имиња за Ибрахимовиќ, Адријано Галијани, кој е прв оперативец, и Силвио Берлускони, кој е газда на тимот. Берлускони само за три години откако го купи тимот, го внесе во Серија А.

Берлускони повеќе од три децении беше сопственик на Милан, додека Галијани 20-тина години беше прв оперативец на Росонерите, пред да ја преземат Монца.

Ибрахимовиќ често истакнува дека периодот поминат во Милан од 2010 до 2012 година му е еден од најубавите во кариерата. На чело на Милан во тоа време беа токму Берлускони и Галијани.

Италијанските медиумим пишуваат дека Галијани се надева дека ќе успее да го убеди Златан да потпише за Монца, која за следната сезона ќе има поголеми амбиции и желбата ќе биде да се обезбеди пласман во европските купови.

- Оглас -

Најнови вести