Ибрахимовиќ под закана да добие тригодишна суспензија

Златан Ибрахимовиќ неодамна потврди дека планира и следната сезона да го носи дресот на Милан и да биде активен на теренот и по 40-тата година. Сепак, шведскиот голгетер сега се соочува со непланиран проблем од УЕФА.

Европската фудбалска куќа најави дека ќе покрене истрага против Ибрахимовиќ поради можно прекршување на етичкиот кодекс на ФИФА и УЕФА. Истрагата е поради наводниот финансиски удел на Ибрахимовиќ во една обложувалница.

Етичкиот кодекс на ФИФА и УЕФА вели дека фудбалерите, судиите, фудбалските агенти и други службени лица не смеат да имаат сопственички дел во обложувалници, а најстрого им е забрането и директно или индиректно да се обложуваат или да учествуваат во финансиски трансакции кои се поврзани со фудбалските активности.

„Согласно членот 31 од дисциплинскиот пропис на УЕФА, Европската куќа на фудбалот назначи етички и дисциплински инспектор кој ќе ја води истрагата за наводното прекршување на дисциплинскиот правилник на УЕФА од страна на Златан Ибрахимовиќ поради наводно партнерство во една обложувалница“, стои во соопштението на УЕФА.

Во случај да се докаже вина, на Ибрахимовиќ му се заканува суспензија од фудбалот во траење од три години, што би значело и крај на блескавата кариера на еден од најдобрите голгетери во светот.

 

- Оглас -

Најнови вести