Ибраими и Хасани едногласни: Да покажеме карактер и борба со срце

Агим Ибраими е еден од повратниците во репрезентацијата на Македонија по подолга пауза. Фудбалерот на Кукуш по пет години добива нова прилика да го облече националниот дрес, за што посочи дека е огромна чест и задоволство да се биде во тимот на Игор Ангеловски.

Околу предизвиците во овие квалификации, Ибраими вели дека Македонија мора да покаже карактер и со срце да се бори на теренот за да издвои позитивни резултати во натпреварите против Романија, Лихтенштајн и Германија.

„Нормално дека ми е чест што сум повторно во репрезентацијата. Секогаш сум го давал максимумот и со задоволство го носев репрезентативниот дрес, па така ќе биде и сега. Играчите се во добар ритам, имаат минутажа од настапите во своите клубови и тоа треба да се пренесе во овој мартовски циклус. Секој противник треба да го респектираме и да го сфатиме сериозно, а ќе дојдеме до позитивни резултати со карактер, игра според нашиот план, и оставање срце на теренот. И јас сум во добра форма, ќе одговорам на секој предизвик кој ќе ми го постави селекторот Ангеловски“, посочи Ибраими.

Хасани како поискусните играчи во нашиот национален состав смета дека притисокот не е присутен во тимот, а дека сите играчи се подготвени да го дадат најдоброто од себе.

„Не верувам дека треба да чувствуваме притисок бидејќи овие квалификации не се новитет за нас. Треба да играме како досега и да се бориме до последен момент. Иако има дополнително повикани играчи, сите сме подготвени за следните предизвици, а тоа најдобро го знае нашиот селектор“, додаке Хасани.

Како што е веќе познато, првиот дуел од овој квалификациски прозорец го играме против Романија во Букурешт на 25 март.

- Оглас -

Најнови вести