Прославениот снукер играч од Северна Ирска, Марк Ален, во првото коло на Отвореното првенство на Британија во снукер ќе игра против својата поранешна девојка Рене Еванс. Ваквиот епилог беше направен по ждрепката на турнирот кој ќе се одржи следниот месец и кој по пауза од 17 години, повторно се враќа во календарот на Светскиот снукер тур.
Девојката поради која Ален психички многу страдал, добила покана за настап на овој турнир, а ждрепката ги спои поранешните партнери. Ален и Еванс од 2006 година имаат ќеркичка, но три години потоа нивната врска пропаднала, а Марк паднал во тешка депресија.
Ален бил затворен дома, не тренирал, престанал со учества на турнири, а во едно интервју открил и дека размислувал дури и да си го одземе животот. За среќа, Ален успеал да го преброди ова љубовно разочарување и сега е меѓу најдобрите во снукер.
Само пред три месеци, Ален предизвика инцидент на Светското првенство, кога побара Еванс да биде избркана од собата во која тој тренира. Организаторите го послушаа ова барање на Ален и Еванс морала да ја напушти просторијата. За жал на Ален, сега нема да смее да бара нејзино бркање затоа што таа му е ривал.