Играчите на Аталанта заработуваат колку фудбалерите на англиски второлигаш што се бори за опстанок

Се изборија за место во Лигата на шампионите иако нивниот стадион не ги исполнува критериумите на УЕФА за настап во елитното натпреварување, па мораат да играат на неутрален терен. Започнаа очајно во групната фаза и немаа ниту еден освоен бод по три одиграни меча, но не се предадоа. Фудбалерите на Аталанта се вистински херои на годинашново натпреварување во Лигата на шампионите. Најпрво успеаја да освојат седум бода во последните три меча во групната фаза и да стигнат до второто место кое носеше пласман во фазата топ 16, а синоќа направија нов подвиг.

Аталанта беше еден од оние противници кои Валенсија ги најавуваше како посакувани во нокаут-фазата, но Шпанците се уверија дека не требало да биде така. Тимот од Бергамо на неутрален терен на „Сан Сиро“ уште еднаш одиграа блескаво и само по 62 минути игра водеа со 4:0. До крајот на дуелот, Валенсија даде почесен гол кој дава надеж за Лилјаците во реваншот.

НАЈГОЛЕМ УСПЕХ ИМ Е КУПОТ НА ИТАЛИЈА ОД ПРЕД ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА ВЕК

За многумина, за чудење е како може тим од Италија кому единствениот голем трофејму  е тој во Купот на Италија од далечната 1963 година да биде толку силен во ЛШ. Во тимот на Аталанта нема ниедна голема ѕвезда, фудбалер кој отскокнува од останатите. Едноставно сплотеноста и тимската игра се главни адути на екипата од Бергамо, а тоа го покажува и податокот дека сезонава деветмина различни фудбалери се имаат запишано во листата на стрелците во ЛШ. Едноставно не се знае од каде доаѓа опасноста.

АКО Е СПОРЕД ЗАРАБОТУВАЧКАТА НА ПЛАТИТЕ, ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ БОРАТ ЗА ОПСТАНОК

За скромноста на Аталанта покажува и податокот дека според годишниот буџет кој клубот го одделува за плати на играчите, е дури на 13-тото место во Серија А. Играчите на Јувентус убедливо се со најголеми плати, а Старата дама оделува 294 милиони евра по сезона. Интер, кој испадна од ЛШ, дава 139 милиони евра за плати, а играчите на Рома трошат по 135 милиони евра за плати. Далеку пред Аталанта се и играчите на Милан (115 милиони евра), Наполи (103),  Лацио (72), Торино (50 милиони евра). За платите на фудбалерите на Аталанта, клубот од Бергамо годишно одвојува 36 милиони евра и само седум клуба во Серија А даваат помалку пари за плати.

Можеби ќе делува неверојатно споредбата, но екипата на Ридинг, која се натпреварува во Шампионат лигата во Англија (втора лига) и моментно е на 15-тото место на табелата, годишно за плати на фудбалерите издвојува исто пари колку и Аталанта. Разликата е во тоа што италијанскиот тим е на прагот од влез во четвтфиналето од ЛШ, а Ридинг се бори за опстанок во втората англиска лига.

 

- Оглас -

Најнови вести