Играчот кој го замени Николов промаши клучен пенал, згасна сонот на Лече

Лече и Бобан Николов не успеаја во реваншот против Венеција да обезбедат пласман во финалето од плејофот за пласман во Серија А, откако ремизираа при конечни 1-1 во вториот меч.

Голем малер за домаќините се покажа играчот кој влезе на местото од нашиот репрезентативец на стартот од второто полувреме, Марко Манкосу, кој промаши пенал во 80-тата минута кој доколку го реализираше, Лече ќе се најдеше во големото финале.

Николов беше стартер за Лече и одигра само едно полувреме во кое беа во негатива од 0-1 по голот на Араму од белата точка пред самата пауза, додека Петинари израмни во 66-тата минута и ги врати надежите на Лече, но залудно.

Поразот на Лече е добра вест за македонската репрезентација и селекторот Ангеловски, бидејќи Николов повеќе нема клупски обврски и ќе може да присуствува на првиот собир на националниот состав на 25 мај.

Венеција подоцна ќе го дознае противникот во финалето, а по сите изгледи тоа ќе биде Читадела која славеше со убедливи 3-0 над Монца во првата средба.

- Оглас -

Најнови вести