Илиев се сели на помал терен, Јагелонија не сака да плаќа 25 илјади евра за празен стадион

Дејан Илиев и неговите соиграчи од Јагелонија речиси сигурно ќе се преселат на помал стадион и нема да плаќаат кирија од огромни 25 илјади евра месечно во услови кога полското првенство ќе се доигра без публика.

Јагелонија досега играше на Градскиот стадион во Бјалисток со капацитет од 22.386 места и за тоа плаќаше 113.000 полски злоти.

Полјаците најавија дека ќе има продолжение на фудбалската сезона од 29 мај, а клубовите веќе размислуваат да ги откажат договорените аранжмани со градските власти за користење на стадионите.

„Ако не успееме да ја намалиме цената за изнајмување на Градскиот стадион во Бјалисток, која ќе биде превисока во услови кога натпреварите ќе се играат без публика, тогаш ќе мораме да се преселиме на помал стадион“, изјавија од таборот на клубот чиј голман е македонскиот репрезентативец Дејан Илиев.

Тој е на позајмица во Јагелонија до крајот на сезоната, а не бранеше во последните три кола пред прекинот на првенството, или популарната Екстракласа, поради корона-вирусот.

И дел од другите клубови во Полска размислуваат за преселба на помали стадиони.

- Оглас -

Најнови вести