Македонскиот напаѓач Илија Несторовски, денеска во 18 минута од мечот, првпат ја затресе мрежата на Перуџа, потоа во 68 минута погоди и од пенал, и со два гола, придонесе за триумфот на Палермо од 4:1.
За Несторовски ова беа први голови во Серија Б, после оној против Парма на 2 април. Третиот гол за Палермо го даде Александар Трајковски, кој потоа беше повлечен од игра.
Ова беа втор и трети гол сезонава за Несторовски. Тој погоди и на 12 август, при поразот на сицилијанците од Калјари, во Купот на Италија. Трајковски има два гола сезонава, откако првиот го постигна против Кремонезе во Серија Б.
На погодоците на Нестор-гол со кои е разбиен малерот, треба да се радува и селекторот Игор Ангеловски, кој и покрај „сушата“, веруваше во Несторовски како прва опција во нападот на „црвено-жолтите“. Одлични игри во континуитет прикажува Трајковски. Тој денеска не само што постигна гол, туку беше константна опасност за противникот, и беше и асистент при првиот гол на Палермо.
Палермо после четири меча, привремено се искачи на трето место во втората италијанска во 8 бода (две победи и две нерешени).