Им даде гол на европските шампиони, па сега сакаат да го купат

Подобро да игра за нас, отколку против нас. Ова е девизата по која веројатно се водат во Ливерпул во врска со јапонското крило Такуми Минамино, кој е член на Салцбург, а сакаат да го донесат на „Енфилд“ уште во јануари.

Откупната клаузула на 24-годишниот Минамино е 7,2 милиони фунти, сума која Црвените без проблем би ја платиле за да го задоволат барањето на тренерот Јирген Клоп, кој сака да ја засили конкуренцијата во офанзивниот ред.

Минамино на 22 настапи за Салцбург сезонава има девет гола и 11 асистенции. Гол даде и против Ливерпул во октомври, кога Црвените бикови од Австрија загубија со 3-4. Завчера Ливерпул како гостин со 2-0 го победи Салцбург, а Минамино беше постојана опасност во првото полувреме. Англискиот клуб смета дека Јапонецот вреди повеќе од сумата која се бара како негово обештетување и затоа би тргнале по него.

Иако играше за друг клуб сезонава, Минамино би можел да игра за Ливерпул во нокаут-фазата од Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести