Има блескава сезона, а верува дека бројот на дресот што го носи му помага во тоа

Напаѓачот на репрезентацијата на Мароко и член на француски Тулуз, Закарија Абухлал ја игра најдобрата сезона во кариерата. Абухлал е роден во Ротердам, а кариерата ја започна во ПСВ Ајндховен, но набрзо направи трансфер во АЗ Алкмар.

Пред почетокот на оваа сезона, Абухлал реши да потпише за Тулуз во Франција и не згреши. Во 35 меч за Тулуз постигна 11 гола, а играше одлично и на Светското првенство во Катар, кога погоди во дуелот против Белгија. Мароко постигна историски успех и стана првата африканска селекција која стигна до полуфиналето.

Како една од тактиките за неговата добра сезона, 23-годишниот Закарија го потенцираше бројот со кој настапува. Тој го носи дресот со бројот шест, а објасни и зошто ја одбрал токму „шестката“.

„Оние фудбалери кои го носат бројот шест најчесто играат во средината и се поспори. Затоа го одбрав овој број, за да мислат противниците дека сум спор играч“, објасни Закарија Абухлал, кој има и три гола во 17 средби за националниот тим на Мароко.

- Оглас -

Најнови вести