Борец е фаворит против Вардар, можеби и за првпат во историјата на меѓусебните дуели во домашното првенство, а велешани ќе се обидат да го сочуваат непробојниот бедем и денеска од 13 часот против најтрофејниот клуб во Македонија.
Премиерниот меч од 12. коло ќе се игра денеска во Велес, бодовите се значајни за двете екипи, кои ќе играат меѓусебе по 13. пат во независна Македонија.
Борец има само две победи, Вардар е многу поуспешен и славеше шест пати, додека четири дуели завршија нерешено. Велешани успеаја да го победат Вардар во август годинава во првото коло од новото првенство со 1:0 и тоа на гости.
И сега се фаворити, пред се поради добрата форма и серијата без пораз на домашен терен, а Вардар ќе се обиде да ја заборави финансиската криза која трае долг период и да ги освои бодовите на терен што е тежок за играње за гостинските екипи.
Денеска гостите ќе играат и за својот тренер Александар Васоски, кој се враќа на кормилото по еден меч пауза и тоа со роденденска желба, победа против Борец за бегство од долниот дел на табелата.
Утре од 13 часот ќе се играат и останатите дуели од 12. коло.