Ансумане Фати е името кое се промовираше на почетокот на новата фудбалска сезона во Европа. Тоа е 16-годишниот тинејџер кој доби шанса да заигра во дресот на Барселона. Каталонскиот гигант има доверба во талентот, па на дуелот против Бетис (победа од 5:2) му даде шанса да заигра во 78-мата минута, добивајќи овации од гледачите на „Камп ноу“.
Со 16 години, девет месеци и 25 дена тој е вториот најмлад дебитант во историјата на Барселона. Шест дена по дебито, Фати доби нова шанса. Влезе на полувремето од дуелот против Осасуна и го даде првиот гол во сениорскиот тим, со што стана најмладиот стрелец во историјата на клубот кој има 120-годишна традиција.
Цената на Фати според „Трансфермаркет“ му е 25 милиони евра, што е за 20 милиони евра повеќе од следниот најскап 16-годишник во светот. Договорот со Барселона му е до 2022 година, а доколку некој клуб сака да го купи, ќе мора да плати 100 милиони евра за откупна клаузула.