Интересен предлог: Во Бундеслигата да се воведе плејоф што ќе решава за титулата

Германското првенство стана едно од најнеинтересните во Европа и тоа е така поради доминацијата која ја има Баерн Минхен. Најтрофејниот германски клуб веќе девет сезони по ред е на тронот, а според формата, играта и резултатите, нема да биде никакво изненадување ако и сезонава стигнат до трофејот.

Поранешниот извршен директор на Баер Леверкузен, Волфганг Холцхојзер, даде идеја да се воведе плејоф во Бундеслигата со цел првенството да стане поинтересно и поконкурентно. Холцхојзер смета дека целата лига страда поради фактот дека во последните неколку сезони, уште пред Нова година се знае дека Баерн Минхен ќе биде првак.

„Според мене, ќе биде добра идеја ако првите четири клуба на крајот од сезоната играат мини-турнир. Првиот со четвртиот и вториот против третиот. Победниците од тие два меча да играат во финале и да решаваат за тоа кој ќе биде шампион, а поразените да се борат за третото место. Мислам дека таков формат ќе биде многу поинтересен и за навивачите. На фановите не им е интересно кога уште во октомври знаат кој ќе биде првак. Новиот формат би донел и финансиски бенефит затоа што многу клубови би можеле дополнително да заработат“, објаснува Холцхојзер.

По првите пет кола во Бундеслигата, Баерн очекувано е лидер со 13 бодови, колку што има и вториот Волфсбург, додека Борусија Дортмунд има 12 бодови.

 

- Оглас -

Најнови вести