Интересна статистика: Најголем дел од 127-те гола на Роналдо во репрезентативниот дрес не ѝ донеле многу на Португалија 

Кристијано Роналдо со двата гола во победата над БиХ од 5:0 во квалификациите за ЕП 2024 стана апсолутен рекордер по бројот на постигнати голови во репрезентативниот дрес (127), но статистиката покажува нешто друго, дека најголем дел од головите не ѝ донеле многу на Португалија.

Со систем на елиминација, специјализираната интернет-страница Football 365 дојде до податок дека најголем дел од головите Роналдо ги постигнал во небитни натпревари, или против слаби репрезентации или од пенал.

Роналдо постигнал 19 гола од пенал, што експертите ги сметаат за „лесни голови“.

Тој исто така постигнал 19 гола во пријателски натпревари кои немаат голема важност иако дел од тие голови беа во дуели против селекции како Аргентина, Холандија, Белгија и Хрватска, но исто така има давано голови и против репрезентации како Саудиска Арабија, Панама, Луксембург, Естонија и Андора.

Роналдо му дал дури осум гола на Луксембург во квалификациите, а постигнал уште 13 гола против селекции кои се на идентично ниво како и Луксембург.

Интересен е и податокот дека Роналдо постигнал пет гола во натпревари во кои селекцијата на Португалија дала барем шест гола.

Напаѓачот на Ал-Наср има постигнато седум гола во најновото репрезентативно натпреварување, Лигата на нации. Пет гола ѝ дал на Швајцарија, а два на Шведска.
Еден гол има постигнато во Купот на конфедерации, и тоа против селекцијата на Нов Зеланд.

Авторите на текстот го пецнаа Роналдо и со податокот дека постигнал 20 гола во квалификациите за ЕП или СП кои најчесто претставуваат формалност за Португалија бидејќи редовно обезбедува пласман на големите натпреварувања.

Интересен е и податокот дека Роналдо, според авторите, постигнал и 27 гола против „неелитни“ репрезентации. Роналдо двапати постигнал хет-трик во квалификациите за СП 2014 против Северна Ирска и Шведска, како и против Велс на ЕП 2016 кого авторите на текстот не го сметаат за елитна репрезентација.

Во квалификациите за СП 2018, Роналдо давал голови против Летонија и Унгарија, а во квалификациите за СП 2022 година, против Република Ирска.

Интересно е што Роналдо не постигнал ниту еден гол во нокаут-фазата на Светските првенства, а одиграл пет меча. Португалија триумфираше на ЕП 2016, но Роналдо не играше во финалето против Франција, поради повреда.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести