Инѕаги ја превзема вината за тоа што Интер не победи: Јас одлучив кој ќе го шутира пеналот

Интер и Аталанта одиграа возбудлив меч со пресврти, а на крајот заврши без победник (2:2). Нераѕурите поведоа со голот на Лаутаро Мартинез, а Аталанта со два погодоци направи пресврт уште во првиот дел. Един Џеко погоди за 2:2 во 71 минута, а Интер имаше шанса и за водство, но Федерико Димарко, кој влезе во второто полувреме, промаши пенал.

Иако на теренот беше многу поискусниот Џеко, Димарко доби шанса да шутира и промаши. Тренерот на Интер, Симоне Инѕаги вели дека негова била одлуката за тоа кој треба да го изведе ударот од белата точка.

„Јас одлучив кој ќе го шутира пеналот. Лаутаро и Калханоглу се нашите изведувачи на пенали, но и двајцата беа надвор од теренот, па ги имав Димарко и Перишиќ. Федерико делуваше посвежо, а утрината на тренинг добро шутираше. Добро ја започна сезоната и заслужуваше да даде победнички гол на Џизепе Меаца, но ова е фудбал и се случуваат вакви работи“, објасни Инѕаги.

По ова реми, Интер сега има 14 бодови, два помалку од лидерот Милан, додека Наполи кој има перфектни 15 бода од пет меча, денеска игра против Калјари.

 

- Оглас -

Најнови вести