Инзаги: Нѐ очекува компликуван натпревар против Црвена ѕвезда

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги, очекува тежок дуел со Црвена ѕвезда во Лигата на шампионите. Италијанскиот првак го започна учеството во натпреварувањето со реми (0-0) на гостински терен против Манчестер сити, а утревечер го пречекува српскиот шампион на „Џузепе Меаца“.


Интер има само една победа на последните четири натпревари во сите натпреварувања, што претставува контраст со резултатите од претходната сезона.

„Ни недостасува конзистентноста од минатата сезона, поради што мораме да тренираме уште понапорно. Секој противник се обидува да се подобри, исто како што го правиме тоа и ние. Со Црвена ѕвезда нѐ очекува компликуван натпревар, бидејќи противникот има одлични фудбалери и добар тренер“, изјави Инзаги.

„Клучниот елемент во нашата игра е да бидеме фокусирани. Мораме да бидеме постојани и да примаме што е можно помалку голови. Со стариот формат на Лигата на шампионите, веќе по второто коло од групната фаза можеше да се предвиди кој ќе продолжи понатаму. Сега е повозбудливо, но и потешко. Секогаш лесно ја минувавме групната фаза, а сега пресметките ќе бидат покомпликувани“, истакна тренерот на Интер.

Инзаги потврди дека сигурни стартери за натпреварот се Дензел Думфрис и Пјотр Зиелински.

Црвена ѕвезда влегува во утрешниот натпревар по поразот (1-2) во Белград од Бенфика во првото коло.

- Оглас -

Најнови вести