Инѕаги: Ние сме во најтешката група оваа сезона и затоа секој бод е добар

Минатогодишниот финалист во Лигата на шампионите, екипата на Интер, освои само еден бод на стартот од новата сезона. Нераѕурите ремизираа 1:1 на гости кај Реал Сосиедад во Шпанија, а тренерот Симоне Инѕаги по мечот имаше критики за играта на своите избраници, но и се правдаше дека играле против многу опасен ривал.

„Се согласувам дека не бевме на висината на задачата. Имавме опасен противник, рано примивме гол, а потоа имавме среќа да не примиме уште еден гол. Сепак, потоа се стабилизиравме, а на крајот имав чувство дека дури можевме и да победиме, но тоа веројатно ќе беше премногу. Цела екипа мораше да одигра подобро, тука се вклучувам и јас. Некои велеа дека ние сме фаворити во оваа група, но јас ќе се осудам да кажам дека оваа група можеби е и најтешка од сите оваа сезона. Видовте дека Сосиедад е одличен тим, Салцбург со години игра во Европа, а за Бенфика не треба да се трошат зборови“, рече Инѕаги по ремито на гостувањето во Шпанија.

Во оваа група Салцбург со 2:0 победи на гости кај Бенфика, па австрискиот тим е лидер во групата со три бода. Во следното коло, Интер на свој терен ќе игра против Бенфика, а Салцбург е домаќин на Реал Сосиедад.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести