Инѕаги: Ова боли, го имавме мечот во наши раце, но загубивме

Интер не успеа да го повтори минатогодишниот успех во Лигата на шампионите кога играше во финалето. Нераѕурите беа елиминирани од Атлетико Мадрид, и тоа по голема драма и дури по изведување на пенали. По елиминацијата на Интер, во Лигата на шампионите не остана ниту еден тим од Италија меѓу најдобрите осум.

Тренерот на Интер, Симоне Инѕаги, е разочаран од елиминацијата, посебно затоа што неговиот тим во еден момент на синоќешниот дуел имаше вкупна предност од 2:0, но неговите избраници не ја задржаа.

„Разочарани сме, но им реков на момците дека треба да бидат горди од целокупниот настап што го имавме во Лигата на шампионите. Имавме водство од 1:0 по првиот меч и први дадовме гол во реваншот. Едноставно, го имавме мечот во наша контрола и требаше многу подобро да играме во одбраната, но брзо примивме гол, кој му даде дополнителна сила на домаќинот. Атлетико имаше голема поддршка и од публиката“, вели Инѕаги, кој откри која е следната цел на неговиот тим до крајот од сезонава.

„Не сме научени да губиме. Ова боли затоа што го имавме мечот во наши раце, но загубивме. Сега останува да се фокусираме на Серија А, каде што има уште 10 кола до крајот. Сакаме таму да ја освоиме титулата“, заврши стратегот на Интер.

- Оглас -

Најнови вести