Иран стави крај на дилемите, ќе учествува на Светското првенство

Фудбалската федерација на Иран стави крај на дилемите околу настапот на националниот тим на Светското првенство 2026 и потврди дека репрезентацијата сигурно ќе биде дел од мундијалот во САД, Канада и Мексико.

Во изминатиот период се појавија шпекулации дека зголемените тензии на Блискиот Исток, особено по конфликтите и нападите поврзани со САД и Израел, би можеле да влијаат врз учеството на Иран, но од Техеран испратија јасна порака дека такво сценарио нема да се случи.

„Ќе играме на Светското првенство без никаква дилема, но организаторите мора да ги почитуваат и да ги земат предвид нашите барања и загрижености“, соопштија од иранската федерација.

Иранците нагласуваат дека нивниот настап нема да значи отстапување од националните вредности, културата и принципите, додавајќи дека никој нема право да ѝ го одземе можноста на репрезентацијата да настапи на турнир за кој заслужено изборила пласман.

Првиот човек на федерацијата, Мехди Таџ, откри дека до организаторите биле доставени десет услови за учество на Мундијалот. Меѓу нив се гаранции за навремено добивање визи, почитување на иранското знаме и химна, како и соодветен третман на фудбалерите и делегацијата.

Дополнително, Иран бара и засилени безбедносни мерки за време на турнирот, вклучувајќи поголема заштита на аеродромите, хотелите и рутите по кои ќе се движи националниот тим.

- Оглас -

Најнови вести