
Остануваат само неколку часа до почеток на дуелот меѓу Република Ирска и Македонија во Даблин, а низ улиците на градот може да се забележат штандови на кои се продаваат шалови и други сувенири за овој меч. Додека новинарите шетаа, продавачите на сувенири беа збунети зошто никој не сака да купи сувенир од овој натпревар.
„Зошто ниту еден од вас не сака да купи шал или некој друг сувенир“, прашуваа продавачите, а одговорот беше едноставен и многу брзо им стана јасно каде „згрешиле“.
„Нашата земја е Македонија. Шал на којшто пишува Северна тешко дека некој ќе купи. Вие барем најдобро знаете дека Ирска и Северна Ирска не е исто“, беше одговорот што го доби продавачот на сувенири.

Стадионот „Авива“ се очекува да биде исполнет до последно место. Нема организирано гостување на македонските навивачи и нивниот број би бил минимален на трибините. Шаловите кои се продаваа чинеа по 20 евра.
Колку за потсетување, за разлика од Ирците, кога Македонија минатата година гостуваше во Казахстан, на стадионот во Астана се продаваа шалови за тој натпревар, а домаќините напишаа дека играат Казахстан и Македонија и никаде ја немаше придавката која им пречи на најголем дел од Македонците.

