Топчиите го шокираа фудбалскиот свет со својот пристап во финалето против ПСЖ, а бројките изгледаат речиси неверојатно. ПСЖ по голема драма и изведување пенали стигна до нова титула европски шампион, но по финалето на Лигата на шампионите многу повеќе од резултатот се зборува за неверојатната статистика на Арсенал.
Имено, тимот на Микел Артета одигра дури 120 минути против ПСЖ, а според податоците кои се појавија по натпреварот, Арсенал комплетирал само 199 додавања во текот на целиот меч.
Во исто време имал само 71 процент успешност на додавањата со вкупно 280 обиди. Тоа практично значи дека Топчиите имале просек од само 1,65 успешни додавања по минута игра.
Бројката изгледа речиси неверојатно ако се земе предвид дека станува збор за финале на Лигата на шампионите и за еден од најдобрите тимови во Европа.
Од другата страна, ПСЖ целосно го контролираше поседот на топката и го диктираше темпото на натпреварот, додека Арсенал се одлучи за исклучително дефанзивен пристап, обидувајќи се пред сè да ги затвори приодите кон својот гол и да чека шанса од контранапади.
Токму таквиот план долго време функционираше, бидејќи Англичаните поведоа преку Каи Хаверц уште на самиот почеток од средбата.
Сепак, како што одминуваше натпреварот, Арсенал сè повеќе беше потиснат пред сопствениот шеснаесетник, додека ПСЖ продолжи да притиска и да бара израмнување.
Францускиот тим на крајот стигна до гол преку Усман Дембеле од пенал, по што следуваа продолженија и пенал-серија.
Особено фасцинантен е податокот дека Арсенал до финалето стигна благодарение на една од најдобрите одбрани во Европа. Во текот на целата сезона во Лигата на шампионите прими само шест голови на 14 натпревари и важеше за најцврстиот тим во натпреварувањето.
Но, во финалето тимот на Артета замина во сосема друга крајност.
Социјалните мрежи по натпреварот беа преплавени со коментари од навивачи кои не можат да поверуваат дека еден финалист на Лигата на шампионите имал помалку од 200 успешни додавања за два часа фудбал.
Многумина тој податок го опишаа како „антифудбал“, додека други застанаа во одбрана на Арсенал, тврдејќи дека токму таквата тактичка дисциплина ги довела Топчиите на чекор до европската круна.
Како и да е, едно е сигурно – ретко кој тим оставил толку необичен статистички белег во финале на Лигата на шампионите како Арсенал оваа вечер во Будимпешта.

