Искуството на Кина ја тера и НБА да се подготвува за најцрното сценарио

Најсилната кошаркарска лига на светот, НБА, можеби ќе остане без шампион за 2020 година. После најавите за некаков плејоф кој би се играл само во еден град, најверојатно Лас Вегас, сега се појави уште поцрно сценарио, а тоа е сезоната да биде прекината.

Проблемите почнаа на 11 март кога за Руди Гобер од Јута џез се дозна дека е позитивен на тестот за коронавирус. Мечевите веднаш беа прекинати и засега не се знае кога сезоната би продолжила. Бројот на заразени во САД драстично расте, и продолжувањето на сезоната изгледа нема да биде наскоро.

Веројатно во лигата и Унијата на играчи ќе имаат трпение уште некое време и нема да носат драстични одлуки, но ако кризата потрае, нема да биде изненадување ако сезоната биде поништена. Како краен рок за рестарт на сезоната беше поставен почетокот на септември.

Во вакви услови, сите се губитници. Играчите и клубовите губат многу пари, се преговара и за висината на кратењето на платите. Песимизмот се зголемил откако видоа дека во Кина каде сезоната е прекината во јануари, и нема да продолжи пред мај. Ако таму не се игра четири месеци, тогаш во НБА паузата би била најмалку до јули, и тоа е оптимистичко сценарио.

Сепак, премногу пари се во игра, сите засегнати страни 100-процентно ќе се потрудат сезоната да се доигра, на ваков или онаков начин.

- Оглас -

Најнови вести