Истанбул и пенали е добитна комбинација за Ливерпул, Суперкупот е „црвен“

Ливерпул е европски супершампион откако вечерва во Истанбул Црвените“ по подобро изведување на пеналите, го победија Челзи. По 120 минути игра беше 2-2, а потоа во пенал-серијата тимот на тренерот Јирген Клоп ги погоди сите пет обиди, а лондонските Сини утнаа во петтиот удар од 11 метри. Ова е четврта титула во европскиот Суперкуп за Ливерпул. Повеќе од него имаат само Барселона и Милан.

Ливерпул е првиот премиерлигашки клуб по Мидлсборо од февруари 2007 навам, што во ист календарски месец двапати играл мечеви на кои за победникот одлучувале пенали. Во Комјунити шилд, Ливерпул загуби од Манчестер сити, а единствениот што утна пенал беше Џорџинио Вајналдум. Овојпат имаа повеќе среќа и се покажа дека Истанбул им е среќен град кога станува збор за пенали, бидејќи таму на ист таков начин го добија легендарното финале од Лигата на шампионите против Милан.

Во пенал-рулетот, за Ливерпул погодија Фирмино, Фабињо, Ориги, Александер Арнолд, Салах. Кај Челзи прецизни беа Жоржињо, Баркли, Маунт, Емерсон, а утна Абрахам во петтата серија, поточно голманот Адријан му го одбрани шутот.

Френк Лампард ги загуби последните три суперкупа како играч или тренер.

- Оглас -

Најнови вести