Историски пласман за Македонија – Првпат ќе играме на Европско првенство!

Македонија ја совлада Унгарија со точно колку што требаше, со 3-0 (25-21, 25-20, 25-21) во сетови, и за првпат во историјата обезбеди пласман на Европското првенство. Претходно нашите „црвено-жолти“ добија голема помош од Шведска и Летонија, кои беа подобри од Азербејџан и Израел, па остануваше да се оствари и последниот услов за да се најдеме меѓу најдобрите 24 репрезентации кои ќе играат на 31-виот европски собир.

Одбојкарите на Никола Матијашевиќ убедливо поведоа со 1-0 по воведниот сет, откако го најдоа својот ритам по бавниот почеток. За помалку од половина час Македонија имаше и двојна предност во сетови, а откако го отворија третиот сет со 11-3, јасно беше дека до крајот ќе се слави голема победа во СЦ „Кале“.

Европското првенство ќе се одржи во Белгија, Франција, Холандија и Словенија, а ќе започне од 13-ти септември и ќе се игра до 29-ти истиот месец.

- Оглас -

Најнови вести