Италија може да ја загуби организацијата на ЕП 2032 и да остане без екипи во еврокуповите?

Потенцијалното назначување на вонреден комесар за управување со Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) предизвика силна реакција од УЕФА. Европската Куќа на фудбалот ја предупреди Италија дека земјата може да го изгуби статусот на кодомаќин на Европското првенство во 2032 година, а клубовите од таа земја ризикуваат исклучување од европските клупски натпреварувања.

Можноста за назначување специјален администратор во Федерацијата, поддржан од министерот за спорт Андреа Абоди, добива на интензитет. Политичарите би можеле да изберат доверливо лице кое ќе воспостави ред во италијанскиот фудбал и ќе ја води ФИГЦ до изборот на нов претседател, закажан за 22 јуни.

Информацијата доаѓа од весникот „Кориере дела сера“, кој открива дека притисокот на Владата и најновата истрага на обвинителството во Милано во врска со скандалите со судиите го принудиле Италијанскиот олимписки комитет (КОНИ) да разгледа таков потег.

УЕФА нема толеранција за политичко мешање во фудбалот, што може да има големи последици.

Претседателот на Серија А, Ецио Симонели, разговараше со претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, чија порака, според него, била заканувачка. УЕФА ја информира Серија А дека во случај политиката да ја стави Фудбалската асоцијација под надворешно управување, домаќинството на ЕП 2032 година ќе биде одземено. Покрај тоа, УЕФА дури се заканила и дека ќе ги исклучи италијанските тимови од европските натпреварувања, се наведува во статијата.

Во меѓувреме, претседателот на Италијанскиот олимписки комитет, Лучано Буонфиљо, контактираше со некои адвокати за да ги провери правните детали, а со тоа и можноста за евентуално назначување на надворешен администратор.

- Оглас -

Најнови вести