Италија заврши како прва, но на Манчини уште му се плаче, а причина за тоа е Македонија

Италија со 2:0 славеше над Унгарија на гостински терен и со тие три бода Аѕурите се искачија на првото место во групата од Лигата на нациите во Сегментот А. „Група на смртта“ се нарекуваше квартетот каде што покрај Италија и Унгарија, беа и Германија и Англија, а на крајот Аѕурите завршија со 11 бодови, пред Унгарија со 10, Германија заврши со 7, а Англија има само три бода.

Со ова прво место, Италија се избори за место во Фајнлфорот, преку кој може да обезбеди место на ЕП 2024 година. Иако Италија одигра одлично во Лигата на нациите и зад себе остави гиганти како Германија и Англија, селекторот Роберто Манчини не беше многу среќен.

Причина поради која Манчини е тажен е фактот дека Италија нема да биде дел од Светското првенство во Катар, кое започнува за помалку од два месеца. Во баражот за Мундијалот во Катар, Италија во Палермо беше шокирана од Македонија, па четирикратниот светски првак нема да биде дел од планетарниот собир.

„Втор пат ќе бидеме дел од Фајнлфорот во Лигата на нациите и тоа е убаво. За жал, зад нас останува тој неуспех и не можеме да избегаме од тоа. Играчите добро одиграа во една тешка група, но пред нас има уште многу работа. Само нека помине побрзо декември. Потоа ќе биде полесно“, рече Манчини, кој уште е разочаран кога ќе му текне дека нема да биде дел од Мундијалот во Катар.

 

- Оглас -

Најнови вести