Италијанецот го зеде бројот 17 во чест на момчето кое загина во страотниот земјотрес

Еден од најнеочекуваните трансфери во јануарскиот преоден рок е заминувањето на Николо Ѕаниоло од Рома во редовите на Галатасарај. Ѕаниоло се најде во немилост на тренерот Жозе Мурињо, кој го прати „на трибините“ и за него едноставно немаше место во тимот, што значеше дека 23-годишниот играч мораше да бара трансфер.

Ѕаниоло потпиша за Галатасарај, што ги израдува многуте навивачи на овој турски гигант. Еден од оние кои најмногу се радувал на овој трансфер бил 17-годишниот Мухамед Емин Озкан. Младиот навивач на Галатасарај пред неколку дена дури направил и видеоклип со надеж дека ќе се реализира трансферот на Ѕаниоло во Галатасарај.

Вчера и официјално Ѕаниоло беше промовиран во нов играч на Галатасарај, но, за жал, Мухамед немаше шанса да се израдува на оваа убава вест. Тинејџерот настрада во разорниот земјотрес што ја погоди Турција, каде што досега се пронајдени над 19.700 жртви.

Челниците на Галатасарај и Ѕаниоло дознаа за Мухамед и неговото видео направено специјално за Заниоло, па одлуката е италијанскиот фудбалер да го носи дресот со бројот 17 во знак на 17-те години на навивачот Мухамед.

 

- Оглас -

Најнови вести