Италијанските селектори доминираат во квалификациите, четворица веќе обезбедија пласман на ЕП 2024, само Спалети сè уште не е сигурен

Италијанските тренери доминираат во квалификациите за пласман на ЕП 2024 и веќе четворица од нив обезбедија пласман на континенталниот собир, додека неизвесен е пласманот само на „домаќинот“ Лучано Спалети.

Италија по синоќешната победа од 5:2 над Македонија се израмни по бројот на бодови со Украина и во директен дуел в понеделник, ќе го даде вториот патник (покрај Англија) од групата Ц кој ќе игра на ЕП во Германија.

Првиот Италијанец кој го завери пласманот на ЕП 2024 е Доменико Тедеско кој седи на клупата на Белгија. Тедеско кој го наследи Роберто Мартинез на клупата на Белгија, заедно со Австрија, беа најдобри во групата Ф во конкуренција на Шведска, Азербејџан и Естонија. Белгија има шанса во последниот меч со Азебејџан да го освои првото место и да биде единствена непоразена екипа во својата група.

Одлична работа заврши и Винченцо Монтела со селекцијата на Турција. Монтела ги препороди Турците кои во група со Хрватска и Велс, го освоија првото место.

Дел од ЕП ќе биде и Марко Роси кој седи на клупата на Унгарија. Унгарците на две кола пред крајот обезбедија едно од првите две места во групата Г, каде одлична шанса има и Србија да игра на ЕП.

Четвртиот Италијанец кој веќе го завери пласманот на ЕП е Франческо Калцона со Словачка. Калцона кој најголем дел од тренерската кариера беше асистент тренер, со Словачка успеа да обезбеди пласман на ЕП. Калцона кој за свој помошник го има Марек Хамшик, во квалификациите доживеа два порази и тоа од пресилната Португалија, а во останатите седум меча, оствари шест победи и едно реми и сосема заслужено со Словачка ќе игра на ЕП во Германија.

 

- Оглас -

Најнови вести