Кошаркарската репрезентација на Македонија утре против Естонија на домашен терен ги започнува квалификациите за Европското првенство кое ќе се одржи во 2025 година. На овој собир нашата селекција е засилена со нов американски кошаркар на центарската позиција, Итан Хап, кој има големи очекувања од дуелите против Естонија и Полска, но и вели дека е горд што ќе игра за Македонија.
„Среќен сум што ова е возбудливо за сите нас, а особено за мене бидејќи е голема чест што сум Македонец и што ќе играм за Македонија. Ни претстои голема борба против Естонија и Полска и возбуден сум поради она што нè очекува. Презадоволен сум од приемот овде, сите се гостопримливи, почнувајќи од претседателот на Федерацијата, Перо Антиќ, па до соиграчите во репрезентацијата. Убаво ми е, работиме на хемијата во тимот, имаме само неколку дена, но се обидуваме максимално да ги искористиме. Естонија има многу талентирана репрезентација. Во минатото тоа не беше кошаркарска земја, но во моментов има добар тим со неколку квалитетни евролигашки кошаркари, па ќе мораме да извадиме сè од нас за добар резултат. Имаме големи очекувања како тим, но одиме чекор по чекор и не мислиме на крајниот исход. Фокусирани сме само на Естонија, а потоа ќе размислуваме на следниот противник. Се надевам дека ќе бидеме максимално подготвени до петок, кога ќе играме со Естонија“, вели новиот натурализиран македонски кошаркар Итан Хап.
Дуелот помеѓу Македонија и Естонија се игра утре, во спортската сала „Кале“ во Скопје, со почеток во 19 часот.