Иве Иванов од МЗТ Скопје е играч на колото во АБА 2

Крилниот центар на МЗТ Скопје Аеродром, Иве Иванов, е најкорисен играч во осмото коло од втората АБА-лига. Хрватот синоќа во победата над Динамик од 84:74 имаше 24 поени (шут 0/3 за тројка, 10/15 за двојка, 4/4 слободни фрлања), седум скока, две украдени топки и девет изнудени лични грешки и сето тоа му донесе индекс на корисност од 27. Иванов на терен мина 35 и пол минути и се виде дека недостасуваше неговото присуство на дербито со Работнички.

Во ова осмо коло, ист индекс има и Александар Тодоровиќ од Зрински, но бидејќи тимот на Тодоровиќ загуби, за МВП на колото ќе биде прогласен Иванов, бидејќи праксата на АБА е за најкорисен да прогласува само играчи од победнички тимови.

МЗТ има шест победи и два порази, колку што има и третопласираниот Спарс од Сараево, а лидер е Приморска со чисти 8-0.

„Иако имавме само еден и пол ден за да се подготвиме за мечот со Динамик, тоа што го договоривме, пред сè во одбраната, беше испочитувано. Целиот дефанзивен систем заличи на нешто. Можевме да примиме и помалку од 70 поени да не беа некои грешки во финишот. Ова е исклучително значајна победа за нас. Многу е важно што најдовме сили да издржиме по неодамнешното вечно дерби“, рече тренерот Ѓорѓи Кочов.

Тренерот на Динамик, Владимир Ѓокиќ, го испофали Иванов.

„Иванов е еден од најквалитетните играчи и луѓе воопшто во лигата. Апострофирав дека мора да го запреме, но не успеавме. Човекот е тим сам по себе, играше за сите“, рече Ѓокиќ.

- Оглас -

Најнови вести