Претседателот на Манчестер сити, Халдун Ал Мубарак, изјави дека Пеп Гвардиола го променил англискиот фудбал за време на својата десетгодишна ера на клупата на клубот. Во интервју за официјалната страница на Манчестер сити, тој откри и зошто не се обидел да го убеди шпанскиот стратег да остане.
Пеп Гвардиола стави крај на десетгодишниот престој во Манчестер сити, период во кој освои 20 трофеи, меѓу кои шест шампионски титули во Премиер лигата и една титула во Лигата на шампионите. Иако имаше уште една година од договорот, Шпанецот оцени дека на клубот му е потребна „нова енергија“ и нов почеток.
„Неговото влијание е многу поголемо од освоените трофеи. Неговата филозофија и стилот го променија англискиот фудбал. Тоа го велам со целосна почит, но навистина верувам во тоа. Погледнете како се играше фудбал пред десет години и како се игра денес. Неговото влијание врз играта, тактиката и тренерската работа е неспорно. Сигурен сум дека многу фудбалски експерти ќе се согласат со ова.
Многу малку тренери успеваат да променат не само еден клуб, туку и цела лига. Пеп го направи токму тоа“, изјави Ал Мубарак.
Тој призна дека низ годините повеќепати слушал од Гвардиола дека размислува за заминување, но овојпат ситуацијата била поинаква.
„Знаев дека е сериозен и затоа не се обидував да го разубедувам. Во претходните случаи секогаш се трудев да го убедам да остане бидејќи знаев каков ќе биде одговорот. Овојпат беше целосно сигурен во својата одлука, а и јас го чувствував тоа. Верувам дека тоа беше вистинската одлука и за него и за клубот“, рече првиот човек на Манчестер сити.
Ал Мубарак откри дека меѓу него и Гвардиола се развило силно пријателство кое одамна ги надминало професионалните рамки.
„Тој за мене е повеќе од тренер на овој клуб. Тој е мој пријател. Со текот на годините станавме многу блиски. Не знам дали би го признал тоа, но често се шегувам дека бев негов психијатар. Имаше многу моменти кога можеше да си замине, но секогаш наоѓавме начин да продолжиме заедно“, додаде тој.
Според него, Гвардиола никогаш не планирал да остане толку долго во Манчестер сити. Неколкупати сметал дека неговиот циклус во клубот е завршен, но на крајот секогаш го продолжувал договорот и останувал на клупата.
По заминувањето на еден од најуспешните тренери во историјата на клубот, вниманието сега е насочено кон изборот на негов наследник. Меѓу главните кандидати се споменува поранешниот помошник на Гвардиола, Енцо Мареска.
„Ве молам само за малку трпение. Наскоро ќе го објавиме новиот менаџер и сите ќе бидат уверени дека сме го избрале најдоброто можно решение за Манчестер сити“, порача Халдун Ал Мубарак.

