Ја оправдаа довербата: Абрахам и Томори потпишуваат нови договори

Челзи е во крајната фаза на преговори со младите ѕвезди Тами Абрахам и Фикајо Томори. И двајцата наводно се согласиле да стават потпис на петгодишни договори, според кои би се задржале на „Стемфорд бриџ“ до јуни 2024 година, па останува клубот официјално да ја потврди новата соработка.

Абхрам сезонава за првпат доби вистинска шанса од Френк Лампард да го облече сениорскиот дрес и сосема ги оправда очекувањата. Младиот голгетер на Сините по пет меча во Премиер лигата, се наметна како сериозен конкурент за најдобар стрелец, а засега ја дели првата позиција со Серхио Агуеро по седум гола, откако постигна хет-трик во победата од 5-2 кај Вулверхемптон.

Што се однесува за Томори, неговите квалитети Лампард многу добро ги познава бидејќи минатата сезона играше под негова команда во Дерби, каде што запиша 44 настапи во втората англиска лига. Оваа сезона запиша три настапи во Премиер лигата, а изминатиот викенд го постигна и првиот сениорски гол за Сините.

Едногодишната забрана за трансфери го натера менаџерот Лампард да го извади најдоброто од она што Челзи веќе го поседуваше во редовите, а воедно им даде шанса на играчите од академијата, кои редовна минутажа досега добиваа само на позајмици. Челзи претходно ги осигури услугите и на Мејсон Маунт, кој исто така потекнува од школата на Сините, а бурно се работи на нов договор и за Калум Хадсон-Одои, младиот англиски репрезентативец за кого Баерн Минхен лани нудеше и до 40 милиони евра, иако станува збор за 18-годишен тинејџер.

https://twitter.com/FabrizioRomano/status/1174361000109334529

- Оглас -

Најнови вести