Ја предводеше Италија до титулата, а Јувентус како да не сака да го задржи

Џорџо Кјелини беше вистински предводник на теренот во текот на целото Европско првенство, на кое Италија стигна до златниот медал. Еден од најискусните дефанзивци додека беше фокусиран на континенталниот турнир, му истече договорот со Јувентус и сега е без клуб.

За еден месец Кјелини ќе полни 37 години, но воопшто не планира да се пензионира. Тој дури најавува атак и на светската титула следната година на Мундијалот во Катар. Сепак, за да биде дел од националниот тим, Кјелини прво мора да најде клуб.

Кјелини во Јувентус е од 2005 година и ѝ остана лојален на Старата дама дури и кога играше во Серија Б. Вкупно 16 сезони помина дефанзивецот во црно-белиот дрес, а неговиот договор истече на 30 јуни. Поминаа 15 дена како е слободен играч, а од Јувентус уште не го контактирале да потпише нов договор.

„За договор потребни се две страни. Џорџо замина на ЕП и беше целосно фокусиран на настапите со репрезентацијата. Немаме проблем со Јувентус, но тие треба да го направат првиот чекор. До денеска никој не ни се јавил. Чекаме од Јувентус да ни кажат кога да седнеме и да разговараме. Кјелини со години е симбол на Јувентус и чекаме од клубот да се јават“, изјави агентот на Кјелини, Давиде Липи, кој додаде дека дефанзивецот воопшто не размислува да ја заврши кариерата.

 

- Оглас -

Најнови вести