Ја утна ли Спалети тактиката со Елмас? Елиф доцна доби шанса, шампионот прв го нокаутира Наполи (Видео)

Елиф Елмас доби шанса да игра само 20-на минути за Наполи на дербито против Интер, во ситуација кога игра во животна форма, па вечерва неговиот тим го загуби првиот меч сезонава во Серија А.

Шампионот Интер славеше со 3:2, иако гостите од Неапол го постигнаа првиот гол на дербито.

Елмас влезе во игра доцна, во 75. минута кога Интер веќе имаше предност од 3:1, а по неговото влегување во игра Мертенс постигна гол, но само за намалување на поразот.

Пјотр Зјелински со погодок во 17. минута само го разлути шампионот на Италија, па Интер направи пресврт и победи со 3:2.

Чалханоглу од пенал во 25. минута израмни на 1:1 и потоа се случи веројатно и клучниот момент на „Џузепе Меаца“.

Од тешка позиција со удар со глава погоди Иван Перишиќ во самиот финиш на првото полувреме, а Лаутаро Мартинес со гол во 61. минута стави крај на серијата на Наполи без пораз на 12 меча од стартот на сезоната во Серија А.

Интересно во ова коло и втората непоразена екипа досега, Милан, загуби за првпат, вчера во Фиренца со 4:3 од Фиорентина.

Наполи и Милан се на првите две места со по 32 бода, а сега Интер им се доближи на негатива од четири бода.

 

- Оглас -

Најнови вести