Денеска е уапсен поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини. Тој се сомничи за проневера на 700.000 евра, пари од УЕФА доделени на ФФМ за поддршка и изградба на трибина на стадионот во Охрид.
Акцијата ја спровело МВР во соработка со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
„Полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција во координација со ОЈО Скопје го лишија од слобода М.С. поради сомнение за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба“, потврдија од МВР.
Муамед Сејдини беше на чело на ФФМ во два мандати, од 2019 до 2025 година. Тој неодамна беше суспендиран на две години поради „измама и доведување во заблуда на Управниот одбор“.
„Утврдено е дека Одборот за итност на ФФМ во ноември 2024 година донел одлука за прифаќање на понуда од ДПТУ ‘Енергоинвест Трејд ДОО Скопје’ за изградба на трибина на стадионот ‘Билјанини Извори’ во Охрид во износ од 202.919.610,00 денари без ДДВ, без услов за авансно плаќање и го овластил тогашниот претседател Муамед Сејдини да потпише договор согласно прифатената понуда. Таа одлука подоцна е потврдена и од Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија. И покрај тоа, само по една недела, Муамед Сејдини, злоупотребувајќи ја својата положба, потпишал договор со вметнат услов за авансно плаќање од 20 отсто, кој не бил дел од прифатената понуда, при што авансот бил исплатен без обезбедена банкарска гаранција и без соодветно овластување“, соопштија неодамна од ФФМ.

