Адис Јаховиќ и во Коњаспор дава голови, погоди и денеска на мечот од Купот против Јени Амасјаспор, но и направи потег за исклучување, што ќе ги вжешти страстите во Турција.
Јаховиќ беше стрелец на третиот гол за Коња во победата од 5-2 на гостински терен, а при резултат 5-1 за неговиот тим, доби црвен картон. И веднаш уште во текот на мечот беше цел на навивачите на Ѓозтепе, клубот за кој Јаховиќ играше одлично пред да се пресели во Коња, но разделбата беше со многу недоразбирања.
Навивачите на Ѓозтепе не му го простија потегот да го напушти клубот, кога тој беше во позиција да се бори за излез во Европа, па сега го закачија со провокации на социјалните мрежи.
Интересно е што Коњаспор во следното коло од турското првенство, во недела му гостува на клубот од Измир, на Ѓозтепе, па симпатизерите се сомневаат дека Јаховиќ денеска намерно добил црвен картон, за да не гостува во Измир и да ги избегне провокациите на навивачите на Ѓозтепе.
Јаховиќ играше извонредно за Ѓозтепе, беше миленик на навивачите, а со голови го предводеше клубот и до врвот на табелата во еден момент од ланското првенство во Турција. И сега има значајна улога во Коњаспор, што само го потврдува неговиот квалитет како еден од најдобрите напаѓачи во силното турско првенство.