Шпанската фудбалска надеж Ламин Јамал ќе ги пропушти првите два меча на Светското првенство, пренесува каталонскиот „Спорт“.
Младиот офанзивец се повреди на дуелот на Барселона против Селта, при што му настрада мускулот на ногата, а дополнителните прегледи покажале дека станува збор за посериозна повреда од првичните проценки.
Од клубот потврдија дека Јамал нема да настапи до крајот на сезоната, односно ќе ги пропушти последните шест натпревари во Ла Лига. Сепак, тоа не претставува голем проблем за Барселона во битката за титулата, со оглед на значителната предност пред Реал.
Но, неговото отсуство ќе се почувствува и во репрезентацијата бидејќи нема да биде во комбинација за првите два натпревари на Шпанија на Мундијалот.
Јамал ќе ги прескокне средбите против Зеленортските Острови и Саудиска Арабија, во кои Црвената фурија важи за апсолутен фаворит и се очекува сигурен старт со две победи.
Во Барселона не сакаат да ризикуваат со неговото здравје, па лекарскиот тим апелира на внимателност, стравувајќи од можноста за повторување на повредата доколку се врати прерано.
Според медицинските проценки, закрепнувањето од истегнување на бутниот мускул ќе трае меѓу четири и шест недели, што остава простор Јамал да биде подготвен за третиот натпревар во групната фаза против Уругвај закажан за 27 јуни.

