Јаник Синер покажа зошто е број 1 на АТП и лесно го елиминира Медведев

Италијанскиот тенисер Јаник Синер е последниот кој обезбеди место во полуфиналето на Отвореното првенство на САД откако ноќеска во „финале пред финале“ со 3:1 во сетови го победи Данил Медведев.

На водечкиот на АТП-листата му беа потребни малку повеќе од два и пол часа за да го скрши отпорот на шампионот на Отвореното првенство на САД од 2021 година. Ова беше 13-ти меѓусебен дуел, а Италијанецот стигна до шестата победа. За добрата форма на Синер сезонава говорат и бројките, според кои Италијанецот има 53 победи и само пет порази во 2024 година.

Во првиот сет Синер започна фуриозно и го доби со 6:2. Потоа следуваше одговор од Медведев, кој доминираше во вториот сет и го доби убедливо со 6:1 за израмнување на 1:1 во сетови. Сепак, се чини дека тоа беше максимумот од рускиот тенисер затоа што веднаш потоа Синер возврати со иста мерка и со 6:1 го доби третиот сет.

Во решавачкиот четврти сет, доволно беше еден брејк за Синер да го добие со 6:4 и да се радува на пласман во полуфиналето, каде што ќе игра против 25-тиот носител на турнирот Џек Дрејпер. Во второто полуфинале ќе играат Американците Фриц и Тијафо.

На женскиот дел од турнирот во полуфиналето ќе нема место за првата носителка Ига Швјонтек, која испадна од Џесика Пегула, па ќе има нова шампионка и кај жените. Во полуфиналето ќе се сретнат: Пегула – Мухова и Сабаленка – Наваро.

 

- Оглас -

Најнови вести