Јоги под притисок во Киев, Германија нема победа во 2020 година

Германската фудбалска репрезентација нема победа во 2020 година, и затоа селекторот Јоаким Лев е под зголемен притисок пред  вечерашното гостување во Киев кај Украина од Лигата А во Лигата на нации.

Германија годинава има играно само три меча и на сите три ремизираше, а интересно на сите три водеше со 1-0 и двапати победата ја испуштаа длабоко во судиското продолжение.

Тоа е премалку за селекција која е повеќекратен европски и светски првак. Во новата сезона на Лигата на нации, тимот на Лев одигра 1-1 со Шпанија и Швајцарија, па кикс против Украина ќе биде голем проблем за нив и потврда дека се во криза. Во Германија од Лев се бара да освои шест бода на средбите со Украина вечер и во вторник дома против Швајцарците.

Вечерашниот меч на „Олимпијски“ во Киев ќе се игра со публика, дозволено е на трибините да има 21.000 гледачи, што е голема бројка за услови на пандемија.

Играчот од средниот ред на Динамо Киев, Олександер Алиев, даде интересна изјава пред мечот со Германија. Тој смета дека поразот од Франција од 1-7 во пријателскиот меч пред неколку дена, не треба да внесува паника.

„Не треба да се убива репрезентацијата после еден пораз. Загубивме, па што? Пораз како пораз. Германија? Можеме да ја победиме. Кога победивме во 1945-та, можеме и сега“ – изјави Алиев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести