Јокиќ е неверојатен, ги постигна поените за победа, а притоа го оствари и шестиот трипл-дабл во последните седум меча (Видео)

Центарот на Денвер нагетс, Никола Јокиќ, продолжува да прикажува одлични игри по враќањето на терените по повредата и веднаш го реши мечот на својот тим.

Јокиќ, кој со поените на 16 секунди до крајот на мечот му донесе триумф на Денвер од 99:98 на гостувањето кај Њу Орлеанс пеликанс, а притоа го оствари шестиот трипл-дабл во последните седум меча, овој пат имаше учинок од 25 поени, 11 скока и 10 асистенции. Ова е негов 15-ти трипл-дабл сезонава и 91-ви во кариерата.

Денвер беше подобар тим во првото полувреме, кое го доби со 63:47, но Њу Орлеанс не се предаваше и во последната четвртина влезе со минус од девет поени. Денвер успеваше да ги одбие налетите на домашните кошаркари до пет минути пред крајот, кога имаше водство од 97:88.

Но, од тој момент домашните кошаркари со фантастична игра во одбраната успеаја да направат серија до 0:9 и во последните 30 секунди од мечот да поведат со 97:98. Во последниот напад на Денвер, Џамал Мареј му ја додаде топката на Јокиќ, кој на 16 секунди до крајот беше прецизен и имаше водство од 99:98. Играчите на Њу Орлеанс имаа три обиди во последните секунди од мечот да дојдат до триумф, но беа непрецизни.

Покрај Јокиќ, одлична партија прикажа и Мареј со 25 поени, додека кај Њу Орлеанс се истакна Си-Џеј Мекалум со 20 поени.

Лука Дончиќ од херој стана трагичар на Далас маверикс, кој е поразен со 127:126 од Вашингтон визардс. Иако беше најпрецизен кошаркар на средбата со 41 поен и имаше 15 скока, Дончиќ направи две грешки во последните секунди, со кои им ја подари победата на играчите на Вашингтон.

Имено, при резултат 126:126, го промаши второто слободно фрлање, по што направи прекршок во последниот напад на Вашингтон при обидот на Кајл Кузма да влезе во рекетот на Далас.

На пет секунди до крајот на мечот, Кузма погоди едно слободно фрлање, по што следуваше напад на Далас за победа. Топката беше кај Дончиќ, кој откако беше удвоен, се обиде да му додаде на Спенсер Динвиди, но неговиот обид беше спречен од Делон Рајт. Најдобар кај Вашингтон беше Кајл Кузма со 30 поени.

Кошаркарите на Чикаго Булс испуштија 21 поен предност и на крајот загубија од Индијана со 116:110. Најефикасен кај Чикаго беше Демар Дерозан со 33 поени, додека победничкиот тим го предводеше Бенедикт Матурин со 26 поени.

Во градското дерби, ЛА клиперс со 133:115 го совладаа ЛА лејкерс. Тандемот Џорџ – Ленард беше нерешлива енигма за одбраната на Лејкерси заедно постигнувајќи 52 поени.

На спротивната страна, на Лејкерси не им помогна одличниот Леброн Џејмс, кој средбата ја заврши со 46 поени, осум скока и седум асистенции.

Во дербито на Истокот, Мајами хит со 98:95 го совлада Бостон селтикс благодарение на Бем Адебајо, кој имаше дабл-дабл од 30 поени и 15 скока.

Резултати: Индијана – Чикаго 116:110, Мајами – Бостон 98:95, Њујорк – Кливленд 105:103, Њу Орлеанс – Денвер 98:99, Далас – Вашингтон 126:127, Феникс – Шарлот 128:97, ЛА лејкерс – ЛА клиперс 115:133.

- Оглас -

Најнови вести