Јокиќ е незапирлив, со нов трипл-дабл го доби дуелот со Јанис за напредок на вечната листа (Видео) 

Никола Јокиќ го предводеше својот Денвер нагетс до победа од 113:107 над еден од фаворитите во Источната конференција за пласман во големото финале, Милвоки бакс.

Јокиќ во дуелот со Јанис Адетокумбо го оствари 119-тиот трипл-дабл во кариерата постигнувајќи 25 поени, на кои им придодаде и 16 скока и 12 асистенции.

Со ова остварување, Јокиќ се зацврсти на четвртото место на вечната листа на играчи со најмногу трипл-дабл остварувања и сега му бега на Леброн Џејмс за девет вакви учиноци и сè повеќе му се приближува на третиот Меџик Џонсон, кој има 138.
Џамал Мареј исто така беше одличен со 35 поени, додека кај Милвоки најдобар беше Адетокумбо со 29 поени и 12 скока.

Одлична партија одигра и Лука Дончиќ, кој го предводеше Далас маверикс до победа од 131:129 над Орландо меџик.

Дончиќ мечот го заврши со 45 поени и 15 асистенции, а притоа погоди и шут од пола терен, но судиите не му го признаа бидејќи ударот беше упатен по звукот на сирената.

Оклахома сити тандерс го доживеа вториот пораз по ред и од првото падна на третото место на табелата во Западната конференција. Овој пат Оклахома сити загуби од новиот лидер на Западот, Минесота тимбервулфс со 107:101. Клучно за победата на Минесота беше серијата од 9:0 во последните две и пол минути од мечот.

 

Ентони Едвардс со 27 поени и Карл-Ентони Таунс со 21 поен и 10 скока беа најдобри кај Минесота, додека на спротивната страна Шеј Гилџес-Александер постигна 37 поени.

Резултати: Шарлот – Њујорк 92:113, Кливленд – ЛА Клиперс 118:108, Бостон – Њу Орлеанс 118:112, Бруклин – Јута 147:114, Мајами – Феникс 105:118, Хјустон – ЛА Лејкерс 135:119, Мемфис – Сакраменто 94:103, Оклахома сити – Минесота 101:107, Сан Антонио – Вашингон 113:118, Далас – Орландо 131:129, Денвер – Милвоки 113:107, Портланд – Филаделфија 130:104.

- Оглас -

Најнови вести