Јокиќ и Мареј за прв домашен пораз на Бостон, еден друг Мареј два меча по ред дава кош за победа (Видео)

Актуелниот НБА првак, Денвер нагетс, е првиот тим сезонава кој како гостин победи во „ТД Гарден“ во Бостон. Грутките победија со 102-100 и на Селтикс му го нанесоа десеттиот пораз сезонава. За Бостон заврши серијата од 27 домашни победи по ред од кои 20 беа сезонава, претходниот пораз на нивен терен беше лани на 5-ти март.

Никола Јокиќ (34 поени, 12 скока и 9 асистенции) и Џамал Мареј (35 поени) заедно постигнаа 69 поени и беа лидери на Денвер. Кај Бостон, главните ѕвезди потфрлија, Џејсон Тејтум и Џејлен Браун заедно имаа 35 поени.

Девин Букер со 52 поени и тоа сите во првите три четвртини од мечот Њу Орлеанс – Феникс, му донесе победа на Санс од 123-109. Букер беше незадржлив, даде 25 поени во првата четвртина и најави дека ова е негова вечер. Букер на два меча по ред против Пеликанс дава 50 поени, а ова му е шеста 50-ка во кариерата. Букер средно училиште има учено во близина на Њу Орлеанс, на трибините беа и неговиот татко и дедо, па беше екстра мотивиран.

Атланта го победи Мајами со 109-108, а на втор меч по ред, Хокс победува со кош на истиот играч, Дежонте Мареј. За овој играч има шпекулации дека може да си замине, а ако го трампаат, тоа би било хендикеп за Атланта. Мареј кој пред два дена погоди за триумф над Орландо од 102-100, рано утрово постигна тројка на две секунди до крајот за 109-108.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести